Социјалните претпријатија во Пелагонија создаваат работни места, услуги и производи од голема локална вредност, но нивниот најголем тест е дали можат да преживеат без донации и проекти. Од ракотворби и домашна грижа до еко-моливи и угостителство, приказните од Ресен, Прилеп и од Битола покажуваат колку е важно, но и тешко една позитивна мисија да израсне во одржлив бизнис.
Автори: Звонко Димоски* и Светлана Ристеска**
„Рачна изработка со карактер – директно од Преспа“, „Стил што не се купува во мол – туку се раѓа од срце“, „Не носиш мода – носиш приказна“. Ова се само дел од атрактивните слогани на ракотворби изработени од лица со попреченост. Преку Здружението „Иднина на традицијата“ од Ресен, тие овие дела ги нудат на продажба преку сувенирницата, социјалните мрежи и разни јавни настани.
Ваквиот модел на социјално претприемништво треба да покаже како рачната изработка, локалната културна традиција и социјалната инклузија можат да се поврзат во една економска активност.
„Нашите производи ги купуваат жители на Преспа, туристи, посетители на културни настани, како и луѓе што ја препознаваат вредноста на рачната изработка и на традиционалните занаети. Клиентите ги привлекуваме преку нашата сувенирница, учество на настани и преку Инстаграм-профилот, каде што редовно ги презентираме нашите активности и ракотворби“, посочува Гордана Стојаноска, претседателка на здружението „Иднина на традицијата“.

Од Здружението велат дека пазарот во Пелагонија има ограничувања. Но, тоа не ги обесхрабрува. За да се зголеми продажбата и да се обезбедат редовни приходи, тие гледаат како да стигнат до нови купувачи, да развијат нови продажни канали и да изградат бренд што ќе ја претставува вредноста на нивните производи и надвор од локалните рамки.
„Гледаме значителна можност за проширување на пазарот надвор од Пелагонискиот Регион, дури и надвор од државата. Затоа се потребни подобра дигитална промоција, онлајн продажба, учество на повеќе саеми и изградба на препознатлив бренд што ќе ја раскажува приказната за традицијата, уметноста и инклузијата“, посочува Гордана Стојаноска.
Нивното искуство ја покажува разликата меѓу постоењето убав производ и создавањето одржлив продажен модел. За да обезбеди ракотворбата редовни приходи, потребни се непрекинато производство, квалитет, соодветна цена и препознатливост. Одржливоста во овој случај не значи претворање на малата локална иницијатива во голема компанија, туку стабилно работење, поголем број купувачи и подобри услови за ангажираните лица со попреченост.
„Нашите производи ги купуваат жители на Преспа, туристи, посетители на културни настани, како и луѓе што ја препознаваат вредноста на рачната изработка и традиционалните занаети. Клиентите ги привлекуваме преку нашата сувенирница, учество на настани и преку инстаграм-профилот, каде што редовно ги презентираме нашите активности и ракотворби“
Гордана Стојаноска, Здружение „Иднина на традицијата“
Социјалните претпријатија, како ова здружение, имаат една специфична задача: да заработуваат како бизнис, но заработката да не биде единствената цел. Во основата на нивното функционирање стојат определени општествени проблеми, какви што се невработеноста, социјалната исклученост, недостапните услуги, загадувањето на животната средина итн.
Одржливост што зависи од довербата
Додека „Иднина на традицијата“ се соочува со прашањето како рачните изработки да стигнат до поголем број купувачи, искуството на агенцијата „Home Care – Домашна грижа“ од Прилеп открива поинаков предизвик: како да се одржи и да се прошири услуга за која постои реална пазарна потреба, но за чие обезбедување се неопходни квалификувани луѓе.
Агенцијата нуди грижа и помош за стари и изнемоштени лица во нивните домови. Услугите вклучуваат домашни посети, набавка на намирници и лекови, а според потребите на корисниците и поврзување со други услуги, како посети од лабораториски кадар, лекари, физиотерапевти, фризерски услуги и ситни поправки во домот.
Овој модел одговара на потребата луѓето да добијат помош во сопствениот дом, без тоа да бара секојдневно ангажирање член од семејството или институционална грижа.
Она што го издвојува овој пример е неговата целосна финансиска независност.
„Не користиме грантови, ниту каква било поддршка. Нашиот модел опстојува сам. Наши корисници се лица над 65-годишна возраст. Најголема реклама ни се тие самите, со тоа што нè препорачуваат кај други луѓе“, тврди Ана Марија Ивановиќ, управителка на оваа агенција.
Важен аспект на одржливоста кај социјалните услуги е довербата. Препораките од задоволните корисници се клучот за градење на репутацијата. Но, финансиската самостојност не значи дека сите проблеми се решени. Кога побарувачката постои, следниот голем предизвик е да се обезбеди доволен број луѓе што ќе можат квалитетно да ја извршуваат работата.
„Не користиме грантови ниту каква било поддршка. Нашиот модел опстојува сам. Наши корисници се лица над 65-годишна возраст. Најголема реклама ни се тие самите, со тоа што нè препорачуваат кај други луѓе“
Ана Марија Ивановиќ, „Home Care – Домашна грижа“
Ивановиќ отворено го лоцира најголемиот проблем во секојдневното работење, односно дека најголема пречка за понатамошен развој е недостигот од квалификуван кадар за различните типови услуги што ги нудат.
За разлика од производите што можат да се складираат, социјалните услуги зависат од непосредната достапност на луѓе и нивните вештини. Зголемувањето на бројот на клиенти не значи ништо ако организацијата нема капацитет да им обезбеди услуга. Развојот на агенцијата „Домашна грижа“ затоа не зависи од маркетингот, туку од можноста да се привлечат, да се обучат и да се задржат соодветни кадри, како и да се воспостават партнерства со други даватели на услуги во заедницата.
Грантовите се почетен капитал, а не крајна цел
Пошироката слика за предизвиците со кои се соочуваат социјалните претпријатија во Пелагонија ја дополнува Марина Тошеска од ЛАГ „Агро лидер“. Нејзиното искуство покажува дека е сложен и ризичен преминот од проектно финансирање кон модел во кој производите и услугите треба да создаваат сопствени пазарни приходи.
Како конкретни примери, таа ги издвојува еко-моливите и боичките од рециклирана хартија, развивани под брендот „3 Hearts“, како и дигиталната платформа „Домашно.мк“, наменета за промоција и за пласман на локални земјоделски производи и рачни изработки.

Иако платформата „Домашно.мк“ била замислена и профункционирала како одличен дигитален мост меѓу малите производители и купувачите, Тошеска признава дека се соочиле со сериозни бариери.
„Дигитализацијата сама по себе не гарантира успех, ако нема модел што ќе ги покрива долгорочните трошоци за маркетинг, логистика и техничка поддршка“, објаснува таа.
Иницијативата за еко-моливи се темели на претворање на отпадните весници во нов производ, со што се намалува отпадот во заедницата. За започнување на производството, набавени се машини и воспоставена е соработка со училишта за собирање отпадна хартија и вклучување волонтери.
„Во производството на еко-моливи и боички, отпадниот материјал добива нова употребна вредност, се намалува создавањето отпад, а во исто време се создава производ што може да се пласира на пазарот. Оваа иницијатива ја започнавме оваа година, набавени се машини, направено е поврзување со училишта и ентитети за собирање отпадни весници, како и за вклучување волонтери во производството“, вели Тошеска.
Според Тошеска, опремата и бесплатната суровина се само почеток на долгиот пат до пазарот. Производството, и покрај донираната хартија, вклучува реални трошоци: работна сила, електрична енергија, лепила, пакување и транспорт. Затоа, ЛАГ „Агро лидер“ го гледа најголемиот потенцијал во корпоративниот сектор.
„Во моментов организацијата ЛАГ ‘Агро лидер’ е речиси целосно зависна од грантовска поддршка. Мал дел, односно до 10 % од приходите, ги обезбедуваме од продажба на добра и услуги. Грантовите и проектната поддршка сè уште имаат најзначајна улога во нашето работење. Но, грантовите за нас не се крајната цел. Тие претставуваат почетен капитал за создавање модел што со текот на времето може да генерира сопствени приходи“, вели Тошеска.
Доколку проектната поддршка прекине, тие би морале брзо да се насочат кон деловни партнерства. За моделот навистина да преживее, приходите од продажба мора да ги покриваат не само материјалите, туку и платите на луѓето, пакувањето, промоцијата и одржувањето на машините, создавајќи маржа за реинвестирање во заедницата.
Национална стратегија има, но се чека функционална системска поддршка
Актуелната национална стратегија за социјалните претпријатија ја препознава потребата од поволна правна средина, пристапот до финансии и развојот на пазарните можности. Сепак, спроведувањето на ваквите политики во практика, останува сериозен предизвик.
Во извештајот за развојот на малите и средните претпријатија на Организацијата за економска соработка и развој од 2026 година се наведува дека правното препознавање на социјалните претпријатија и постапката за стекнување таков статус сè уште не биле реално воспоставени во периодот опфатен со анализата. Извештајот забележува дека во Северна Македонија малите и средните претпријатија претставуваат 99,7 % од вкупниот број активни претпријатија, генерираат 67 % од додадената вредност и покриваат 73 % од вработеноста. Во меѓувреме, Министерството за социјална политика, демографија и млади во февруари 2026 година објави усогласена верзија на Предлог-законот за социјалните претпријатија за јавни консултации.
За претпријатијата, правното препознавање не е само административно прашање, туку е клучен услов за пристап до специфични програми за финансирање и олеснувања во јавните набавки. Без јасни критериуми и систематизирани податоци, тешко е да се процени колкав е секторот и каква поддршка навистина му е потребна.
Промена од логиката на проект кон логиката на бизнис
Јован Сталевски од Здружението на граѓани ЦЕФЕ Македонија посочува дека повеќето иницијативи во Пелагонија функционираат преку специфичен хибриден модел – грантови и проекти, комерцијално работење, продажба на некои услуги, органска храна или производи, како и користење средства од државни институции во замена за давање услуги.
Но, проблемот настанува кога проектите стануваат примарен извор на егзистенција, а комерцијалната продажба останува на маргините.
„Во производството на еко-моливи и боички, отпадниот материјал добива нова употребна вредност, се намалува создавањето отпад, а во исто време се создава производ што може да се пласира на пазарот. Оваа иницијатива ја започнавме оваа година, набавени се машини, направено е поврзување со училишта и ентитети за собирање отпадни весници, како и за вклучување волонтери во производството“
Марина Тошеска, ЛАГ „Агро лидер“
Сталевски ја нагласува важноста на раната поддршка, но и нејзините лимити. Поддршката не смее да се сведе на еднократна помош во опрема, бидејќи машините не гарантираат дека тимот знае како да пресмета маржа, да формира цена или да преговара со сериозни купувачи.
„Завршните сметки на повеќето социјални бизниси покажуваат дека тие пријавуваат ниски приходи, со што се карактеризираат со ниска економска моќ. Тоа им прави низок степен на отпорност и ги прави многу зависни од грантови. Мислам дека, ако утре снема грантови, многу од социјалните претпријатија би престанале да постојат и нивната мисија би згаснала. Но, секоја промена може да биде и можност“, вели Сталевски.

Според него, за одредени услуги наменети за ранливи групи што никогаш нема да бидат комерцијално исплатливи, донациите и јавните субвенции ќе останат неопходни. Но, за другите, клучна е транзицијата во размислувањето.
„Потребна е промена од логиката „имам проект, спроведувам активности, барам следен проект“ кон начин на размислување: „имам конкурентен или иновативен производ или услуга, имам повторлив купувач, можам да остварам маржа, а дел од неа го инвестирам во социјалната мисија“, објаснува Сталевски.
Повторливите клиенти се тие што носат предвидливост во бизнисот. Сталевски ги лоцира туризмот, угостителството, еколошките производи и занаетчиството како сектори каде што Пелагонија има сериозни ресурси за развој. Како пример од поширокиот регион го наведува моделот на ЛДА Струга, кој успешно ги комбинира кајакарските тури со локална храна подготвена од невработени жени од руралните средини.
Сталевски споделува податоци од регионално истражување на 46 традиционални бизниси, каде што 60 % имале некаков контакт со социјални претпријатија, и предлага конкретна алтернатива.
„Наместо компанија да даде донација од 2.000 евра, многу поодржлив модел е да купува, на пример, кетеринг, подароци, туристички услуги, одржување, печатење, ракотворби, рециклирани производи или некоја друга услуга од социјалното претпријатие во текот на целата година“, советува тој.
Според Сталевски, дополнително, јавните набавки се огромна, а неискористена можност за социјалните претпријатија, само треба да научат да ја следат документацијата и да конкурираат со квалитет и пазарна цена за да можат дел од грантовската поддршка да ја заменат со обезбедување реален пазар.
Социјалната инклузија како дел од пазарната понуда
Уште еден илустративен пример за поврзување на социјалната мисија со пазарна угостителска понуда беше кафе-барот „Улаф Сте“ од Битола. Иницијативата беше директно поврзана со заедницата на лица со оштетен слух и обезбедуваше нивно достоинствено вработување. Овде социјалната мисија не беше одделена од бизнисот, туку вградена во секојдневното работење на кафулето. Вработувањето овде не значеше само обезбедување плата, туку и создавање услови во кои овие лица ќе добијат економска самостојност и ќе ги скршат бариерите на традиционалниот пазар на труд.
Со цел да ги диверзифицира своите приходи, овој кафе-бар ја проширил својата понуда преку воведување италијанска франшиза за пица и градење партнерства со општествено одговорни компании и донатори.
„Завршните сметки на повеќето социјални бизниси покажуваат дека тие пријавуваат ниски приходи, со што се карактеризираат со ниска економска моќ. Тоа им прави низок степен на отпорност и ги прави многу зависни од грантови. Мислам дека ако утре снема грантови, многу од социјалните претпријатија би престанале да постојат и нивната мисија би згаснала. Но, секоја промена може да биде и можност“
Јован Сталевски, ЦЕФЕ Македонија
Примерите од Битола, Прилеп и од Ресен јасно демонстрираат дека одржливоста на социјалните претпријатија има три клучни димензии: финансиска, човечка и општествена.
„Хоме кер“ докажува дека реалната пазарна потреба може да донесе финансиска самостојност, но растот е лимитиран од недостигот на квалификуван кадар. „Иднина на традицијата“ создава автентична вредност за заедницата, но нејзината иднина зависи од пробивањето на нови регионални пазари. ЛАГ „Агро лидер“ и нивниот бренд за еко-моливи ја покажуваат тешката транзиција од проектна зависност кон комерцијален пазар, додека „Улаф Сте“ ја позиционира инклузијата како директна угостителска вредност.
Вистински одржливото социјално претпријатие е она што успева да изгради капацитет, да ги покрива своите оперативни трошоци преку пазарна активност и да ја зачува својата примарна општествена мисија. Трновитиот пат не бара само ентузијазам и добра намера, туку бара економска дисциплина и пазарни вештини, како и заедница и бизнис-сектор што во претпријатијата ќе препознаат рамноправни деловни партнери.
*Звонко Димоски е активист во здружението Винтер априкотс Прилеп
** Светлана Ристеска е новинарка
