Панел-дискусија за иднината на Зоолошката градина во Битола

Share

Битолчани, претставници на локалната власт и раководството на Зоолошката градина дискутираа за можните системски решенија за одржлив опстанок и стабилно финансирање на оваа јавна установа. Како една од можностите беше предложено Зоолошката градина од општинска да прерасне во меѓуопштинска установа, за чие финансирање би биле одговорни сите девет општини во Пелагонискиот Регион.

„Нашето истражување покажа дека кога надлежностите се делат, се губат смислата и чувството за одговорност. Платите се обезбедуваат преку Министерството за култура, кое е еден од актерите што го финансираат работењето на Зоолошката градина, додека Општина Битола преку својот буџет ги финансира нејзините активности. При ваква поделба на надлежностите, особено кога има политички несогласувања, нема сигурен административен механизам што ќе го гарантира непрекинатото финансирање и работење на институцијата. Една од причините за нашето истражување и јавната дебата беше да ја поставиме Зоолошката градина на цврсти нозе и да укажеме дека се потребни правни и законски решенија што ќе обезбедат трајно финансирање“, рече Диоген Хаџи-Коста Милевски, претседател на Центарот за европски развој и интеграција – ЦЕРИ од Битола.

Директорот на Зоолошката градина Жарко Тренковски тврди дека институцијата има план за развој што опфаќа изградба на нови живеалишта, а потоа и обезбедување животни, развивање на едукативната дејност и зачленување во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА).

Фото: ЦЕРИ

Тој посочи дека состојбата е подобрена во делот на инфраструктурата и кадровското екипирање, но нагласи дека е неопходно законски да се регулира дејноста на зоолошките градини.

„Ако ги разгледате постојните правилници, ќе видите дека за зоолошките градини има малку одредби, само две-три реченици. Немаме ни дефиниција што е зоолошка градина. Народски кажано, како да сме ничие дете. Според стратегијата што ја работевме, нашата дејност не припаѓа во културата, туку природно е да биде во надлежност на Министерството за животна средина. Државата ни е партнер и се надевам дека во следните години ќе добиеме закон со кој точно ќе бидат утврдени правилата на игра“, рече Тренковски.

Сепак, за долгорочен развој на Битолската зоолошка градина, неопходно е да се обезбеди предвидливо и постојано финансирање. На панел-дискусијата беше отворено прашањето дали меѓуопштинскиот модел и законските измени би можеле да бидат решението што ќе ја ослободи институцијата од долгогодишната неизвесност и ќе ѝ овозможи да се развива како простор за заштита на животните, едукација и јавен интерес.

Бојан Бојкоски, претседател на Советот на Општина Битола, кажа дека моделот според кој Зоолошката градина би прераснала од општинска во меѓуопштинска установа, со финансиско учество на сите девет општини во Пелагонискиот Регион, изгледа едноставен за реализирање, но потенцијално постои проблемот со редовно плаќање на обврските од секоја од општините.

„Најдобро би било тоа да се регулира со законски измени, со кои општините би се задолжиле да плаќаат соодветен износ по глава на жител“, посочи Бојковски.

Панел-дискусијата „Нашата градина – наша одговорност“ ја организираше Центарот за европски развој и интеграција – ЦЕРИ од Битола, во партнерство со Институтот РЕСИС и медиумот на заедницата „Локал Актив Пелагонија“. Дискусијата следуваше по истражување и објавена сторија за институционалните, кадровските и финансиските предизвици со кои со години се соочува Зоолошката градина во Битола.

Ж.З.

Редакција
Редакцијаhttps://lap.mk
Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Прочитај повеќе

Најнови објави