Општинската организација на Црвен крст Ресен во соработка со локалната самоуправа овозможија нова социјална услуга „Помош и нега во домот“, која бесплатно ја врши тим лоциран на првиот кат од општинската зграда.
Станува збор за поддршка за сите немоќни лица на кои им е потребен негувател, известија креаторите на социјалниот сервис во Ресен. Истовремено, во канцеларијата ќе биде поставена кутија за жалби, поплаки и пофалби, во која корисниците и нивните семејства можат да ги споделат своите мислења, забелешки и предлози, кои потоа Општина Ресен ќе ги достави до Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Општинската организација на Црвен крст Ресен освен тековните програмски активности, ја интензивира и ја промовира работата на младите членови на организацијата, кои, како што нагласуваат, ја покажуваат својата креативност, иницијативност и желба да придонесат кон создавање позитивни промени во заедницата. Во таа смисла, Дијана Секуловска, лидерка на младите на ОО Црвен крст Ресен, одржа дисеминација на тема „Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина“, со цел запознавање со основните начела, вредности и хуманитарната мисија на движењето. Во рамките на активноста се спроведе регрутација на нови волонтери, со цел поттикнување на хуманоста, солидарноста и активното вклучување на младите во волонтерските активности.
Р. Л.

