Во Прилеп, град со рецитаторска традиција, само шест ученици се пријавиле на конкурсот по рецитирање

Share

На годинешниот традиционален конкурс за најдобра рецитација што го организира Градската  библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, во категоријата за средношколци се пријавиле само шест ученици. Тоа е навистина мал број ако се земе предвид дека Прилеп има пет средни училишта, а секое од нив имаше право да пријави по пет ученици. Изминативе години, овој конкурс што секоја година се организира по повод Месецот на книгата, а опфаќа натпревари за краснопис, за најдобра лична творба и за најдобра рецитација, побудуваше голем интерес меѓу основците и средношколците во Прилеп. Токму затоа, зачудувачки е намалениот интерес.

Професорката Цеца Видова-Трајческа  од СОУ „Кузман Јосифовски Питу“ од Прилеп смета дека современиот начин на живеење носи многубројни предности и придобивки, но, за жал, понекогаш напредокот го плаќаме со занемарување некои суштински вредности важни за духовниот развој на човекот.

„Сè повеќе време младите поминуваат на социјалните мрежи, во виртуелниот свет и со содржини што им го привлекуваат вниманието, додека читањето литература, поезијата и рецитирањето полека го губат своето место во нивното секојдневие. А токму поезијата е еден од најубавите начини човекот да ги открива и да ги изразува своите чувства, да ја развива чувствителноста и да проникнува во духовните вредности. Затоа, слабиот интерес за ваквите културни манифестации не треба да го сфатиме само како мал одѕив на еден натпревар, туку како повод за сериозно размислување: каде исчезнува љубовта кон убавиот збор и кој ќе ја продолжи традицијата на поетското и рецитаторското творештво“, смета професорката  Видова-Трајческа.

Сепак, има и позитивни примери, какви што се генерациите ученици од гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп, во која петнаесетина години се организираат поетските вечери, а учениците покрај рецитирањето го негуваат и ораторството. Професорката Весна Михаиловска вели дека гимназијалците покажуваат голема љубов кон поезијата, рецитирањето и јавното говорење.

„Како менторка сметам дека нашите ученици имаат храброст, желба и потенцијал, достоинствено, јавно да се изразуваат. Рецитирањето не е само интерпретација на стихови. Тоа е уметност на доживувањето, пренесување емоции, оживување на зборот и откривање на убавината скриена во поезијата“, вели Михаиловска.

 Според неа, рецитирањето и јавното говорење претставуваат и начин младите да ги развиваат самодовербата, културата на говорот и љубовта кон книжевноста. Токму затоа, како што вели таа, младите треба постојано да бидат охрабрувани и да им се даваат можности за да биде слушнат нивниот глас.

Инаку, Прилеп има традиција на негување рецитаторство. Во 1994 година, Павлина Зафироска-Чочкова, Мирјанка Р. Селчанец, Звонко Црвенкоски и Живко Карески ја оформија рецитаторската група „Цветанка Секулоска-Трпкова“, во која повремено се вклучуваше и Блага Тутеска. Групата беше активна до 2002 година и работеше под закрила на Друштвото за наука и уметност – Прилеп. Членовите учествуваа на сите важни културни и општествено-политички настани во Прилеп. Настапуваа низ цела Македонија, а со авторски рецитали беа чести гости во Салон 19.19 во Културно-информативниот центар во Скопје. Интерпретираа исклучиво македонска поезија од етаблирани, но и од нови авторски имиња.

По долго отсуство на организирани настани од ваков тип, од 2023 година рецитирањето го негува здружението ЗОКУМ – Прилеп, преку поетските перформанси „Љубење со стихови“, кои наидуваат на големо интересирање од публиката.

Ф. Д.

Редакција
Редакцијаhttps://lap.mk
Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Прочитај повеќе

Најнови објави