Три училишта од Пелагонија меѓу 10-те македонски училишта во регионалната програма „Суперучилишта“

Share

Три училишта од Пелагонија се меѓу 10-те македонски училишта што ќе продолжат да развиваат партнерства со образовни установи од Западен Балкан преку програмата „Суперучилишта“. Во петтиот повик за вмрежување се вклучени СОУ „Ѓорче Петров“ и СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп, како и ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ од Битола.

„Преку новиот циклус на програмата продолжуваме да градиме мостови на пријателство, меѓукултурно разбирање и соработка со младите од регионот. Нови искуства, нови можности и пријателства што траат“, соопштија од Средното медицинско училиште „Д-р Јован Калузи“ од Битола.

Вкупно 52 училишта од регионот на Западен Балкан се дел од новиот повик на Шемата за размена на училишта, преку кој ќе продолжат да ги развиваат партнерствата воспоставени во претходните повици. Програмата е кофинансирана од Европската Унија и од германското Сојузно министерство за економска соработка и развој, а ја спроведуваат Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).

Целта на училишните размени е наставниците и учениците да разменуваат знаења и искуства, да запознаваат други култури и образовни практики и да развиваат партнерства што ќе продолжат и по завршувањето на проектите.

„Најважно е што преку ваквите искуства младите стекнуваат вредности и се градат како личности. Тие вредности не остануваат само во училницата или во училиштето. Учениците ги носат дома, ги пренесуваат во своите семејства и заедници и на тој начин придонесуваат кон развој и градење поотворено и посолидарно општество“, рече државната секретарка во Министерството за образование и наука Елена Ивановска на претставувањето на училиштата.

Таа посочи дека целта е партнерствата да не завршуваат со реализацијата на еден проект, туку да прераснат во трајна соработка меѓу училиштата, наставниците и учениците.

Покрај трите училишта од Пелагонија, во програмата од Македонија се вклучени и ОСЕУ „8 Септември“ од Тетово, СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ од Скопје, СОУ „Љупчо Сантов“ од Кочани, СОУ „Маврово – Ростуше“, РЦСОО „Киро Бурназ“ од Куманово, РЦСОО „Ванчо Питошески“ од Охрид и СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија.

Ж. З.

Редакција
Редакцијаhttps://lap.mk
Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Прочитај повеќе

Најнови објави