По повод Светскиот ден на дијабетесот, 14 ноември, здружението „Сина револуција“ од Прилеп организираше акција за пошумување во атарот на селото Селце, при што беа засадени околу 500 садници аморфа и бадем. На настанот беше кажано дека во Македонија живеат 141 891 лице со дијабетес, а грубите неофицијални пресметки покажуваат дека медицинскиот отпад што го создаваат изнесува околу 57,4 тони годишно.
Во акцијата се вклучија членови на здружението, други граѓански организации, училишта, државни институции и приватни компании.
„Ние, лицата со дијабетес тип 1, создаваме големи количества медицински отпад, кој кај нас не се третира на соодветен начин, туку завршува на депонии каде што се гори, со што се загадува воздухот. Пошумувањето е наш симболичен гест, со кој ја покажуваме нашата свесност и желбата на некој начин да ѝ се оддолжиме на природата. Четврта година ја организираме оваа акција, а успешноста на засадените дрвја е околу 50 проценти“, вели Менде Цветкоски, претседател на „Сина револуција“.
Диме Велески, кој по пензионирањето во 2021 година почнал да организира групи граѓани и да се вклучува во различни организации, иницирал засадување на 14.000 дрвја во околината на Прилеп.
„Откако се пензионирав, барав начин да го исполнам времето со нешто што ќе донесе добробит за сите нас. Првата акција ја спроведов во 2021 година, под манастирот во селото Селце. Засадивме 500 дрвја и таа акција е најуспешна досега. И јас сум дијабетичар, па така се запознав со претседателот на ‘Сина револуција’ и го реализиравме ова веќе традиционално пошумување“, вели Велески.
Како најголем предизвик ја посочува летната суша, но и постојаното поскапување на садниот материјал. Токму затоа, во последните две години се занимава со производство на садници што ќе се користат во идните акции за пошумување.
Пожарите, сушата, недостигот од можности за наводнување, дивата сеча, неправилното кастрење и заболувањата придонесуваат за намалување на дрвниот фонд во Прилеп и во околината. Дополнителен проблем се прекумерната урбанизација и непланското градење, поради кои не се остава доволно простор за зелени површини, особено важни за здравјето на граѓаните.
Ф. Д.

