Нов ЕМГ-апарат во Прилепската болница

Share

Нов современ апарат за електромиографија (ЕМГ) е достапен за пациентите во Општата болница со проширена дејност „Борка Талески“ во Прилеп. Опремата е набавена со сопствени средства на болницата, а медицинскиот тим што ќе работи со неа веќе поминал обука на Клиниката за неврологија во Скопје.

Со воведувањето на оваа дијагностичка метода, пациентите од Прилеп и од Пелагонискиот Регион ќе можат побрзо и полесно да добијат испитување на функцијата на периферните нерви и на мускулите, без потреба да патуваат во други градови.

„Овој софистициран апарат ќе се користи за дијагностицирање периферни невролошки заболувања. Ќе го користиме и ние како ортопеди, бидејќи имаме доста повозрасни пациенти. Ова беше сегментот што недостигаше во неврологијата, покрај тромболизата, доплерот на каротидните артерии, ЕЕГ-испитувањата и лекувањето и дијагностиката на другите невролошки заболувања“, изјави директорот на Општата болница во Прилеп, Кире Јоноски.

ЕМГ-испитувањето овозможува откривање оштетувања на периферните нерви, на нервните корени и на мускулите. Се применува при сомнеж за дискус хернија, синдром на карпален тунел, полиневропатии, мускулни заболувања и оштетувања на нервите предизвикани од повреди.

Директорот на Клиниката за неврологија во Скопје, Јован Божиновски, смета дека прилепската болница има стручен кадар што може успешно да ја применува новата дијагностичка метода.

„Имате навистина подготвен тим, го имате првиот супспецијалист по неврофизиологија, така што квалитетот на услугата, сметам, ќе биде на високо ниво, што е многу важно за пациентите“, истакна Божиновски.

Нервно-психијатриското одделение во прилепската болница располага со пет невролози и шест психијатри, а двајца лекари се на специјализација.

Со ставањето во употреба на новиот апарат, болницата ја проширува дијагностичката понуда, а пациентите добиваат можност испитувањата да ги направат поблиску до местото на живеење, со помалку патувања и дополнителни трошоци.

Ж. З.

Редакција
Редакцијаhttps://lap.mk
Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Прочитај повеќе

Најнови објави