Монографија го чува творештвото на првиот битолски графичар Ранко Струмениковски

Share

По повод 90-годишнината од раѓањето на првиот графичар во Битола, и ликовен уметник, Ранко Струмениковски (1936 – 2000), деновиве од печат излезе монографијата „Вљубеник во светлината“, во издание на Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“ – Битола.

Фото: Музеј, галерија и графичко ателје „Ранко Струмениковски“

Автор на книгата, објавена во тираж од 100 примероци, е д-р Драган Ристевски, зет на големиот уметник, а уредничка е д-р Тања Струмениковска-Ристевска, ќерка на графичарот. Рецензенти на книгата се академик Васко Ташковски и Александар-Ацо Филиповски.

Монографијата содржи репродукции на дела, критички текстови, фотографии од семејната архива, биографија и преглед на изложбите и на наградите на уметникот. Достапна е и во дигитална верзија на фејсбук-страницата Ranko Strumenikovski Gallery.

Промоцијата беше во неговата некогашна семејна куќа, која семејството пред пет години ја претвори во Музеј, галерија и графичко ателје, во која се изложени неговите дела, а овие години прерасна во центар за изложби и други културни настани.

Струмениковски студирал на Академијата за применети уметности во Белград, а по враќањето во Битола ги поставил темелите на графичкото творештво во градот. Бил меѓу креаторите на Битолското графичко триенале, работел во печатницата „Киро Дандаро“ и во „Битолатекс“, а придонел и за ликовното обликување на градот. За своето творештво во 1996 година ја добил наградата „4 Ноември“.

Монографијата го систематизира и го претставува богатото творештво на Струмениковски – графики, цртежи, гвашеви и дела од областа на применетата уметност – и го поставува во контекстот на македонската ликовна историја. Таа не е само каталог на творештвото, туку и сведоштво за човекот – „вљубеник во светлината“ и „заробеник на графиката“, како што самиот се нарекувал – кој оставил траен печат врз Битола и македонската графика.

Монографијата е двојазична (на македонски и на англиски) и претставува значаен прилог кон зачувувањето на наследството на еден од клучните македонски графичари на 20 век. Галеријата што го носи неговото име продолжува да ја негува таа традиција преку изложби и соработка со културни институции.

Ж. З.

Редакција
Редакцијаhttps://lap.mk
Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Прочитај повеќе

Најнови објави