„Моќта на невидливите херои“ – 17 приказни за животот со мултиплекс склероза

Share

Седумнаесет приказни за човечки животи соочени со мултиплекс склероза се собрани во книгата „Моќта на невидливите херои“ од битолчанката Сања Поповска. Авторката, која и самата живее со оваа болест, неодамна на промоцијата на книгата во Прилеп отвори чувствителна тема – не само за луѓето со МС, туку и за нивните семејства, кои заедно со нив се соочуваат со неизвесноста и со предизвиците што ги носи болеста.

„Оваа книга не се однесува само на болеста, туку на човекот воопшто и на неговата ранливост. Низ разговорите што ги водев со луѓето, чувствував голема тежина од раскажувањето на нивните животни судбини и соочувањето со непредвидливата болест. Нивните искази не се само текст за книга, туку подарена доверба“, вели Поповска.

Фото: Ф. Д.

На промоцијата присуствуваше и Билјана Еленоска, мајка на девојка со мултиплекс склероза, чија приказна е застапена во книгата. Таа зборуваше за тоа како дијагнозата на нејзината ќерка го променила и нејзиниот живот.

„Со сознанието за дијагнозата на моето дете и јас добив дијагноза. Како што се менуваше ќерка ми, така се менував и јас. Постојано се носам со неизвесноста и давам сè од себе да бидам силна за да му бидам пример на моето дете. Нам, родителите на деца што живеат со мултиплекс склероза, ни преостанува да бидеме силни и со личниот пример да ги мотивираме нашите деца, и покрај сè, да продолжат да живеат со крената глава“, рече Еленоска.

На настанот беше истакната важноста од отвореното јавно зборување за мултиплекс склерозата, бидејќи знаењето помага да се намалат стравот и предрасудите. Со таква мисија, Поповска пред пет години го основала здружението „Гласно за МС“. Преку дебати, трибини, разговори и книжевност, здружението настојува да ја подигне јавната свест за болеста и да им помогне на луѓето со МС и на нивните блиски подобро да се разберат и да си бидат меѓусебна поддршка.

Мултиплекс склерозата е хронична воспалителна болест на централниот нервен систем, која најчесто се опишува како автоимуна. Имунолошкиот систем го напаѓа миелинот – заштитната обвивка на нервните влакна, со што се нарушува пренесувањето на нервните сигнали.

Според податоците презентирани од Клиниката за неврологија во мај 2026 година, во Македонија живеат околу 2.500 лица со дијагностицирана мултиплекс склероза, а во текот на 2025 година биле откриени 115 нови случаи.

Ф. Д.

Редакција
Редакцијаhttps://lap.mk
Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Прочитај повеќе

Најнови објави